Monday, August 18, 2008

СТАТУТ

I. Oпшти одредби

Член 1
Поради потребата од заедничко активирање и на база на доброволно приклучување се формира организација со име Движење за социјална правда - Ленка.
Во неа членуваат луѓе кои бараат промени и се противат на растечкиот неолиберализам, национализам, милитаризам, клерикализам и конзервативизам во нашето општество.
Сметаме дека и покрај различните идејни погледи кон одредени прашања може да делуваме како единствена сила за промоција на основните принципи на организацијата: социјална правда, солидарност, слобода и рамноправност.
Движењето за социјална правда - Ленка ќе се залага за партиципативно и антиавторитарно општество, поради тоа и ќе ги применува принципите на антиавторитарност и партиципативност во делувањето и сопствената организациска поставеност.

Член 2
Член на Движењето за социјална правда - Ленка може да биде секое лице што ја прифаќа неговата платформа, неговата програма и овој статут.

Член 3
Со оглед на различната идеолошка ориентација на членовите, а во интерес на зачувување на акционото единство и потенцијал на оваа организација, основен принцип на делување ќе биде спроведување на акциите кои ги обединуваат членовите на Движењето за социјална правда - Ленка, при што меѓусебните идеолошки разлики ќе бидат ставени во втор план.

Член 4
Движењето за социјална правда - Ленка своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува во согласност со односите уредени со овој Статут.

Член5
Името на организацијата е Движење за социјална правда - Ленка или скратено „Ленка“.
Движењето за социјална правда - Ленка има симбол. Симболот на Движењето за социјална правда - Ленка е во форма на ….симболизирa...

Член 6
Работата на „Ленка“ е јавна.
Јавноста во работата се обезбедува со редовно известување на членовите на „Ленка“ за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работа на органите и телата на организацијата, за материјално-финансиското работење и друго.

Член 7
Движењето за социјална правда - Ленка може да се здружува и во пошироки рамки со други здруженија во сојузи или други облици на здружување.
За здружувањето во смисол на став 1 од овој член одлука донесува Собранието на „Ленка“.
„Ленка“ може да се зачленува во меѓународни сојузи или сродни здруженија врз основа на одлука на Собранието

Член 8
Движењето за социјална правда - Ленка во духот на антиавторитарноста и демократскиот карактер кој сака да го негува, дозволува формирање на фракции, кои имаат право на сопствено име, симболи и слобода за автономно делување се додека тоа е во склад со целите и интересите на организацијата. Членовите на фракцијата за нејзиното формирање должни се да го известат Собранието.
При активности, акции и манифестации на Движењето за социјална правда - Ленка, првенствено се истакнуваат симболите на Движењето за социјална правда - Ленка. Фракцијата може да ги истакнува своите симболи согласно чл.3.

II. Членство

Член 9
Член во Движењето за социјална правда - Ленка може да биде секое лице, кое ги прифаќа ставовите на организацијата напишани во статутот, а доброволно пристапи кон Движењето за социјална правда - Ленка.
Зачленувањето се врши со пристапница која при престанок на членувањето во организацијата задолжително се враќа.
Организацијата за своите членови води регистар за членството кој се ажурира еднаш годишно.
Мандатот на членот го верификува Собранието.

Член 10
Права и должности на членот се:
 да избира и да биде избиран во органите на Движењето за социјална правда - Ленка;
 да предложува решавање на прашања од заеднички интерес;
 да работи на развивање и унапредување на општествените активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;
 да учествува во работата и да придонесува за развојот на Движењето за социјална правда - Ленка;
 да ги спроведува одредбите од Статутот;
 да ги застапува интересите и ставовите на Орг;
 редовно да плаќа членарина;

Член 11
Членството во организацијата престанува:
 самоиницијативно;
 со исклучување поради прекршување на одредбите од Статутот, за што одлука донесува Собранието на организацијата.

Исклучувањето е крајна и непосакувана мерка и за него решава Собранието со принципот 1+2.
Членот за чие исклучување се расправа задолжително е известен и поканет. Истиот член има право на збор, но не и право на глас по прашањето за негово исклучување.
Исклучување можат да предложат минимум 4 членови.

Член 12
Движењето за социјална правда - Ленка го определува износот на членарината за своите членови на собранијата.

III. Цели и задачи на Движењето за социјална правда - Ленка и начинот на нивното остварување

Член 13
Лицата се здружени во Движењето за социјална правда - Ленка поради остварување на поширок заеднички интерес, а како посебни цели и задачи се:
 да ја поттикнува дискусијата за прашања поврзани со милитаризмот, национализмот, клерикализмот, неолиберализмот и конзервативизмот;
 да поттикнува иницијативи за развивање на солидарниот дух во општеството;
 да врши следење на појава на фашистички или фашизоидни идеи и да го спречува нивното ширење;
 да учествува во унапредување на културата за социјална правда, поддршка на борбата за правата на работниците;
 да го шири духот на другарството, рамноправноста и активно учество во општествените процеси;
 да даде поддршка на слободарската, независната и недиригираната уметност и култура;
 да го разобличува патријархалниот морал и да учествува во борбата против родовата, половата, сексуалната, возрасната, верската, расната и етничката дискриминација:
 да врши промоција на бесплатно и достапно до сите образование, а против е наметнатото, задложително образование кое ја вкалапува личноста и ги претвора во послушни граѓани:
 да врши критика на постојните општествени односи и да даде алтернатива.

Член 14
Во своето делување Движењето за социјална правда - Ленка не користи насилни методи.

Член 15
Во остварувањето на своите цели и задачи Движењето за социјална правда - Ленка:
 ги брани правата на своите членови, кои произлегуваат од Статутот;
 соработува со општествените органи и институции;
 соработува со други сродни организации од земјата и од странство;
 го унапредува знаење на своите членови, организирајќи собири, трибини, предавања и дискусии на определени теми од нивната област на интерес;
 покренува иницијативи, критикува, дава алтернатива и сугестии за решавање на посочени конкретни проблеми;
 учествува во креирање иницијативи за законско регулирање и други легални документи (нормативи и стандарди) за различни аспекти од области на интерес на Ленка;
 издава соодветни публикации.

IV. Органи на Движењето за социјална правда - Ленка

Член 16
Со Движењето за социјална правда - Ленка управува членството организирано во органите на организацијата. Органи на Движењето за социјална правда - Ленка се:
1. Собрание
2. Совет

Член 17
Собранието го избира Советот со јавно гласање, освен ако Собранието не одлучи да се гласа тајно.

А. СОБРАНИЕ

Член 18
Највисок орган на Движењето за социјална правда - Ленка е Собранието и него го сочинуваат сите членови на Движењето за социјална правда - Ленка.
Собранието може да биде редовно или вонредно.
Редовното собрание се свикува најмалку еднаш на 6 месеци и него го свикува претседателот на Собранието.
Вонредно собрание се свикува по барање на најмалку 1/5 од членовите на Собранието или на предлог на Советот.
Ако претседателот на Собранието не свика седница во рок од 14 дена тоа право му припаѓа на иницијаторот за неговото свикување.

Член 19
Собранието на Движењето за социјална правда - Ленка од редовите на своите членови на редовни или вонредни собранија избира Совет, кој е координативен орган на Собранието.

Член 20
Собранието полноважно работи ако се присутни повеќе од 1/2 од вкупниот број членови. За присутен се смета и членот кој физички не е присутен, но кој се изјаснил за предложените прашања.
Собранието одлучува со јавно гласање.
Секој член има право на еден глас.
Вонредно собрание се свикува и работи на ист начин како и редовното меѓутоа може да одлучува само по прашањата за кои е свикано.
Основачкото собрание е редовно собрание.
Собранието одлуките ги донесува со принципите со одлука „1+2“ и релативно мнозинство од присутните членови. Принципот со одлука „1+2“ означува дека еден член ќе може да стави вето на одлуката ако има поддршка од најмалку 2 члена на собранието.

Со принципот на одлука „1+2“ се одлучуваат прашања како:
а) име и симболи на Движењето за социјална правда - Ленка,
б) преземање на нови иницијативи во име на Движењето за социјална правда - Ленка,
в) промена на статутот на Движењето за социјална правда - Ленка,
г) соработка со политички партии (акциона, финансиска или било каква),
д) прашања со идејно-политичка позадина,
ѓ) методите и начините за остварување на иницијативите,
е) примање донации/финансии.

Со релативно мнозинство ќе се одлучува по други прашања кои произлегуваат од тековните задачи и активности.

Член 21
Во надлежност на Собранието е следново:
 донесува Статут, програма и други акти;
 усвојува годишен извештај, план за работа, завршна сметка и финансиски план;
 одлучува за промена и целта на здружувањето;
 констатира прием на нови членови и престанок на членувањето;
 го избира Извршното тело на Организацијата;
 формира комисии и други работни тела;
врши и други работи кои произлегуваат од Статутот на Движењето за социјална правда - Ленка.

Б. СОВЕТ

Член 22
Меѓу седниците на Собранието со Движењето за социјална правда - Ленка раководи Советот.
Советот го сочинуваат 5 постојани члена со мандат од 1 година и неопределен број на привремени членови. Привремени членови на Советот се сите оние членови на организацијата кои присуствувале на состанок на телото. Нивниот мандат трае само во текот на состанокот, а имаат право на неограничен број последователни мандати на привремен член на Советот.
За присутни се сметаат и членовите кои претходно се изјасниле по определени прашања, иако физички не се присутни на состанокот. Тие имаат еднакво право на глас како и останатите членови.

Член 23
Советот на Движењето за социјална правда - Ленка е координативен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развојот на Ленка во согласност со Статутот.
Седниците на Советот ги свикува и води Претседавачот на Советот, кој се бира по пат на ротација од секој постојан член на Советот.
Сите одлуки во Советот се донесуваат со просто мнозинство од вкупниот број на присутни членови, во кои влегуваат и постојаните и привремените членови на Советот. Притоа, потребно е и обезбедување на просто мнозинство од гласовите на постојаните членови на Советот (за една одлука да биде донесена од Советот, освен што треба да има обезбедено просто мнозинство од вкупниот број и на постојани и на привремени членови, потребно е барем тројца од петмината постојани членови да гласале за истата).
Членовите на Советот немаат право да гласаат по нивните извештаи.
Седниците на Советот се јавни и отворени за присуство на сите членови. Согласно Чл. 22, секој член на Организацијата, кој не е постојан член на Советот, а е присутен на состанокот, се стекнува со статус привремен член на Советот и има еднакво право на глас како и останатите.

Член 24
Советот презема мерки за општествено и економски целесообразно ползување на средствата со кои располага Движењето за социјална правда - Ленка. Советот, односно неговите постојани членови, за својата работа одговараат пред Собранието на Ленка.

Член 25
Во надлежност на Советот е следново:
 ги подготвува седниците на Собранието и го подготвува нацрт статутот и другите предлог одлуки што треба да ги донесе Собранието;
 ги спроведува одлуките и заклучоците на Собранието;
 формира работни групи;
 подготвува годишен и периодичен извештај;
 издава билтен на Ленка, членски карти и други обрасци;
 врши други работи кои произлегуваат од Статутот;
 промоција на Движењето за социјална правда - Ленка;
 одлучува за присуство на трибибни, дискусии, летни кампови, фестивали итн. во име на Движењето за социјална правда - Ленка.

V. Финансирање на Движењето за социјална правда - Ленка

Член 26
Извори на финансиски средства на организацијата се:
 членарината;
 донации и подароци и др.

Член 26
Користењето и располагањето со средствата на Движењето за социјална правда - Ленка добиени по основа на претходниот член се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.

V. Престанок на Движењето за социјална правда - Ленка

Член 27
Движењето за социјална правда - Ленка за ќе престане со работа ако за тоа одлучат членовите на состанок на Собранието со двотретинско мнозинство.

Член 28
По престанокот на работата на Движењето за социјална правда - Ленка, имотот и средствата што ќе останат по намирувањето на обврските се пренесуваат со одлука на Собранието.

VII. Преодни и завршни одредби

Член 29
Право на толкување на одредбите од овој Статут има Собранието, а меѓу две собранија неговиот Совет.

Член 30
Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за негово донесување.

Член 31
Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето на 28.07.2008.